
Нашиот капитен, Кире Лазаров победи во анкетата која ја организираше „Handball-Planet.com“. Навивачите се децидни по прашањето кој е најдобриот ракометар од Европското првенство кое се одржа годинава во Србија.
На прашањето „Кој е најдобриот ракометар на ЕП во Србија?“, за нашиот Кире Лазаров гласале точно 10.099 навивачи, од приближно 16 илјади кои учествувале во анкетата, или поточно нашиот капитен освои 63 проценти од гласовите.
Далеку зад него на второто место на оваа листа се најде Унгарецот Габор Часар со 2829 гласови, а третото место му припадна на српскиот голман и член на нашиот Металург, Дарко Станиќ кој освои 2149 гласови.
Потсетуваме дека Кире Лазаров беше најдобриот стрелец на ЕП во Србија, а воедно и во историјата на европските собири со 61 гол, со што ги обедини титулите најдобар стрелец на едно европско и светско првенство.
Извор: Kurir.mk
