gototop

mavrovo-frontЈа сакате ли есента? Боите кои со себе ги носи, златните и бронзени тонови измешани со зeлените остатоци од летото.

Мирисот на планинскиот воздух, прошетките покрај река. Песната на птиците кои опиени од убавината можеби заборавиле да отпатуваат кон потоплите краишта ќе ве опушти додека уживате во езерското синило.

Ако сакате да избегате од градскиот метеж и да здивнете од работните обрски, а да уживате во природата која ќе ви понуди сто ретки ендемски растенија, 140 видови птици и 45 видови диви животни, тогаш на патот кон Охрид, на неколку километри пред Стража, ќе свртите десно кон југозапад.

Влегувате во најголемиот Национален парк во Македонија - "Маврово".

Убавината на ова патување е тоа што природата можете да ја почувствувате и додека сте во вашиот автомобил. Возиме со константна брзина, внимателно бидејќи есенските сончеви зраци одбивајќи се од Мавровското езеро, срамежливо пробивајќи се низ многуте дрвја, навидум ќе ве заслепат.

Не можевме, а да не застанеме покрај патот и да вдишеме од чистиот планински воздух, набљудувајќи ја езерската вода која трепери од тивкиот ветер.

Сè до 1947 година на местото на денешното езеро се наоѓала Мавровската котлина низ која течела Мавровската Река. На реката на излезот од котлината и бил затворен патот кон Радика со голема земјена брана. Така, котлината започнала да се полни со вода, а на нејзиното место се создало Мавровското Езеро. Опкружено со високи планини - на југ со Бистра, на север со Шар Планина и на исток со превојот Влајница.

mavrovo-01mavrovo-02mavrovo-03mavrovo-04mavrovo-05mavrovo-06mavrovo-07mavrovo-08mavrovo-09mavrovo-10mavrovo-11mavrovo-12mavrovo-13mavrovo-14mavrovo-15mavrovo-16mavrovo-17mavrovo-18mavrovo-19mavrovo-20mavrovo-21mavrovo-22mavrovo-23mavrovo-24

Иако е вештачко, со својата географска положба се вклопува во околниот планински амбиент и дава слика на прекрасно природно езеро. Новосоздаденото езеро поплавило 1370 хектари земјиште претежно под ливади, долго 10 км со најголема длабочина од 50м. Во зимскиот период езерото замрзнува.

Над езерото од сите страни се издигаат високи листопадни и иглолисни шуми, кои се огледуваат во бистрата езерска вода. Тие му даваат посебна убавина и изглед. Овој изглед го надополнува и црквата „Св. Никола“, потопена со создавањето на мавровското езеро. Иако сега, по половина век, е изграден нов импозантен црковен храм, сè уште како прва помисла останува старата црква.

Во овој период, водата на Мавровското Езеро е доволно повлечена за да дозволи пристап во внатрешноста на црквата.

Природата била несебична на регионот по долината на прекрасната река Радика, подарилa голем број убавини и реткости што можат да се сретнат на овие простори и никаде на друго место. На површина од околу 73.000 хектари се распослани шуми кои зафаќаат една третина од националниот парк, во кои растат околу 1000 видови високи растенија.

Бистра е планина во Македонија која се граничи со шест други планини: Шар Планина, Буковиќ, Стогово, Крчин, Дешат и Кораб. Позната е по своите пасишта, а бидејќи се граничи и со Мавровското езеро поголем дел од планината спаѓа во националниот парк „Маврово“.

Искачувањето на највисокиот врв „Меденица“ се врши по стандардната насока од веројатно најпознатото село, Галичник, кое се наоѓа на 1350 метри надморска височина.

Мавровската околина нема фабрики, но затоа има производствени капацитети, кои се еколошки и воопшто не пречат на еколошката карта. За овој регион да просперира, потребни се инвестиции, бидејќи без финансии ништо не е возможно.

Убаво е кога за овој крај на Македонија има многу да се зборува, а незнаете што е поприоритетно. Па затоа сега се осврнуваме на она по што сепак Маврово и Ростуше е најпрепознатливо - Природни пејсажи, широки полјани, високи дрвја, ски – патеки, реки и што ли уште не?

mavrovo-25mavrovo-26mavrovo-27mavrovo-28mavrovo-29mavrovo-31mavrovo-32mavrovo-33mavrovo-34mavrovo-35mavrovo-36mavrovo-37mavrovo-38mavrovo-39mavrovo-40mavrovo-41

Радика е типична планинска река со брзаци и водопад, со бистра вода богата со прочуената радичка пастрмка. Таа е бисер меѓу реките во Македонија. Има чиста и студена вода со темнозелена боја што е последица од присуството на калциум карбонатот во неа. Долината на Радика е една од најатрактивните и најживописните кањонски долини во нашата земја.

По долината на реката Радика од дамнешни времиња населението се занимавало со изработка на предмети од дрво украсени со резба, а куриозитет на долината на Радика претставува народната оригинална архитектура на селските куќи во Битуше, Јанче, Гари, Лазарополе.

Планината Бистра се карактеризира по тоа што на неа се истакнуваат бројни возвишенија издигнати над највисоката површина. Во јужниот, северниот и источниот правец на Кораб се издигаат повеќе врвови над 2000 метри надморска височина, како Меденица, Корапска Врата и други. На пасиштата на Бистра има триесетина диви коњи кои доаѓаат во близината на овчарските бачила.

Тука се наоѓа најпопуларниот скијачки центар. Добро подготвените патеки се вистинско уживање за скијачите на кои им стојат на располагање седум ски-лифта за крстосување низ непрегледните белини.

Ако сепак не сте по зимските спортови, тогаш имаме нешто и за Вас. Во Долнореканскиот регион има многу скриени убавини кои сè уште не се доволно истражени. Меѓу нив, со својата неповторлива убавина се вбројува ростушкиот водопад Дуф. Прекрасен карпест кањон со длабочина и до 50 метри. За дваесетина минути се минуваат два-три километри. Со сиот раскош и убавина се појавува водопадот Дуф, кој го
создаваат водите на Голема и Мала Река, а се соединуваат на два километри пред водопадот.

Водите се спуштаат низ карпест засек со височина од околу триесетина метри. Притоа, се создава завеса од ситни капки што освежуваат од пешачењето и од тропските горештини. Тука температурата постојано е околу 15 степени.

Напролет, кога се топат снеговите од планината Крчин, водопадот е многу поголем и глетката е импресивна. Ве воодушевивме? Ако сте подготвени да го минете викендот во Маврово, може да престојувате во многуте хотели или пак да изнајмите некоја викенд куќа. За сечиј вкус и за сечиј џеб.

Во последно време, овој крај се чини дека е поатрактивен и попривлечен за изградба на сопствени викендици, бидејќи сите услови се овозможени.

Ова е дел од сложувалката Маврово и Ростуше, но ако имате потреба за повеќе информации, тогаш Инфо Центарот ви стои на располагање.

mavrovo-42mavrovo-43mavrovo-44mavrovo-45mavrovo-46mavrovo-47mavrovo-48mavrovo-49mavrovo-50mavrovo-51mavrovo-53mavrovo-54mavrovo-55mavrovo-56mavrovo-57mavrovo-58mavrovo-59mavrovo-60mavrovo-61mavrovo-62

Туристите доаѓаат и си заминуват, со многу имресии и желба за повторна посета. Но домаќините остануваат живеејќи со убавите, но и помалку пријатните моменти. Прошетавме, видовме, разговаравме. Но добрите домаќини не сакаа да нè пуштат без да ја пробаме мавровската пита. Овде ќе пробате добро сирење, кисело млеко, бакрдан, сарајлии, јагнешко и пастрмка од Мавровското Езеро.

За да ја комплетирате сликата за овој крај не испуштјте ги култирните и традиционалните случувања кои добија светски размери и многу љубопитни туристи, Галичката свадба се одржува секоја година на Петровден, а ако сте биле дел од оваа свадба тогаш потрудете се да не ги пропуштите и Овчарските средби.

Август е резервиран за ликовната колонија, а кога веќе сте таму запазете ја и галичката архитектура. Продолжува нашето патешествие наречено ја сакам и запознавам Македонија.

Напишано од авторите на патеписната емисија Патоказ
Елена Петковска
Виктор Тасевски

Би можело да Ве интересира:
Претходно од оваа категорија:

Додај коментар


Мачор во чвор
kolumni

Игри

Следете нè на

facebook
twitter youtube rss
email
mojot-grad